Се добива впечаток дека таа е во состојба со години да го бара она што го сака и на крајот, се разбира, да го добие. Подготвена е едно исто прашање да му го поставува на соговорникот и по неколку пати, сдодека не го чуе одговорот што го бара
Упорна до фанатизам, љубопитна, правдољубива, секогаш на страна на вистината и неуморно енергична, се главните карактеристики на жената која со децении важи за синоним на балканското телевизиско новинарство. Мира Адања Полак е родена во Будимпешта во 1942 година, во еврејско семејство, со татко хирург и полковник во тогашната ЈНА и мајка историчарка на уметноста. Завршила психологија на Универзитетот во Белград, а се усовршувала во Швајцарија, Велика Британија и во САД. По студиите работела како стјуардеса во ЈАТ, шеф на маркетинг во „Експортпрес“, а во 1971 година како хонорарен соработник и репортер во тогашната Телевизија Белград за прв пат се сретнува со професијата која денес не ѝ е само пасија, страст и предизвик, туку и најголемата животна љубов.
Таа е новинарка со железна волја, која секогаш знае што сака, а верувањето дека може да го менува светот не ја напушта ни денес кога ги подготвува своите авторски емисии „Мира Адања Полак и Ви“, кои се емитуваат на РТС секоја сабота. По повеќе од четири децении работа во новинарството таа не престанува да ги бара и пронаоѓа случките, настаните, личностите за своите документарни емисии и репортажи. Има реализирано и преку петстотини интервјуа со светските политичари, државници, глумци, писатели, спортисти, меѓу кои и со Хенри Кисинџер, Вили Брант, Џорџ Сорос, Софија Лорен, Карло Понти, Оријана Фалачи, Габриел Гарсија Маркес, Данило Киш, Борис Годунов, Индира Ганди, членовите на династиите Романов и Караѓорѓевиќ… Често некои од своите емисии ги посветува и на хуманитарната работа, за што има и бројни меѓународни награди и признанија.
Во интервјуто за „Теа модерна“, Адања Полак вели дека не се чувствува поважна од програмата на која работи и дека никогаш не создава близок однос со своите соговорници. Себеси се опишува како скромна и здодевна жена. Сопруга е на ракетниот инженер Мартин со кого го има синот Марко. Познатата новинарка е и баба на три внуки.
Кои карактеристики треба да ги поседува еден професионален новинар?
Карактерот е веќе профилиран кај секој возрасен човек, па и кај личноста што се занимава со новинарство. Сепак, треба да биде објективен и способен да го одвои важното од неважното. Мора секогаш да ја слушне и другата страна, да ја каже вистината и да застане зад неа. Вистината, всушност, игра клучна улога во оваа професија.
Дали новинарството се променило од Вашите почетоци до денес? Како го оценувате сега?
Не може да се зборува воопштено. Постои професијата и занаетот, а луѓето се тие кои ги прават успешни, веродостојни или вредни за почит дејностите во кои работат. Новинарството е занает што треба да се совлада. Дали и колку е совладан секогаш кажува публиката.
Зад себе имате импресивен минат труд. Кога Ви било најтешко?
На вистинскиот новинар секогаш му е тешко, затоа што за квалитетот одговара самиот пред себе. Го потпишува својот квалитет. Лично секогаш знам што сум направила. Јасно ми е уште на почетокот што е добро, а што не е. Најтешко ми е да го задоволам својот сопствен критериум.
Што еден новинар не смее, а што мора да праша?
Никогаш не откривам тајни кажани во доверба, иако би биле тиражни. Никогаш не го доведувам во прашање интегритетот на соговорникот. Никогаш не зборувам лошо за колегите и за медиумската куќа во која работам. Секогаш поставувам прашања со кои сакам да ја откријам вистината. Понекогаш истото прашање го поставувам повеќе пати.
Вие сте дипломиран психолог по професија, а во Вашите емисии често имате прилично деликатни соговорници, луѓе со тешки животни трауми, исповеди, животни приказни. Дали психологијата некогаш сте ја искористиле во служба на новинарството?
Студирав психологија затоа што ме привлекуваше како наука. Ги открива случувањата во личноста кога ќе се најдат во одредени ситуации. Како да гледаш нечија душа во огледало.
Психологијата ми помага денес подобро да го толкувам човечкото однесување и да ги разберам нештата што се тешко разбирливи. Ако поседувате знаење за човечката душа и процесите кои го дефинираат однесувањето на луѓето, полесно ги анализирате случувањата околу себе.
Имавте ексклузивни интервјуа со многу познати личности од јавниот живот. Кој од нив искрено Ви се допадна, кој Ви оставил позитивен впечаток?
Впечатоците за мене се значајни само додека го водам разговорот и ми служат само како парче со кое може да се комплетира целата приказна. Во принцип впечатокот секогаш сакам да го тргнам настрана, затоа што тоа е само мое доживување на личноста со која разговарам. Тоа не треба да ги засега гледачите и читателите.
Мислам дека многу учам од соговорниците, од секое направено интервју без оглед кој е спроти мене. Од Лоренс Иглбергер, еден од амбасадорите во поранешна Југославија, најголем познавач на Источна Европа, од Јованка Броз која ми се отвораше во неколку наврати искрено и женски, од Амалија Родригез големата фадопејачка која ми даде интервју непосредно пред смртта… но и од обичниот селанец, работник, ѕидар што ги кажуваат сопствените маки.
Има ли нешто што го сметате за круна на својата кариера?
Самата на себе суште не сум си ставила круна, ниту пак тоа го сакам. Не придавам големо значење нитуна она што публиката и колегите го нарекуваат успех, ниту на неуспехот. Сето тоа е неодминлив дел од новинарската работа.
Што значи да се биде жена на Балканот?
Никогаш не сум се одредувала и гледала себеси на тој начин. Мене ме почитуваат како човек, колега, пријател, професионалец и тоа е доволно.
Патувате многу. Постои ли земја која Ве одушевила и каде сте се чувствувале како дома?
Во Индија обиколив пет држави и осум градови. Тоа е земја која дава духовност повеќе од кое било друго место на планетата. Морам да одамповторно да го видам и она што не сум го видела.
Кога последен пат сте биле во Македонија, на што се сеќавате?
Уф, долго време не сум била. Бев одамна на Шар Планина и во Тетово и бев воодушевена од луѓето и нивната топлина. Драго ми е што луѓе то ме препознаваат и ја ценат мојата работа. Би сакала да дојдам и интен зивно го планирам тоа. Желба ми е да го видам Охрид и Преспанското Езеро, да се запознаам и да зборувам со мештаните.
Кога би можеле повторно да избирате професија, што би избрале?
Репортер, документарист, автор, водител на програма во живо. Новинар! Јас не знам друго да работам!
Дали сте гурман? Сакате ли да готвите?
Сакам и да јадам, сакам и да готвам. Мислам дека новинар кој не ги почитува и не ги сака овие две работи, тешко може да направи добра репортажа.
Често носите шапка и впечатливи модни додатоци. Ги следите ли модните трендови? Дали модата е уметност?
Шапка носам секогаш кога ми е неуредна косата или кога немам фризура. Ја сакам и ја следам модата која всушност е и еден вид уметност. Деновиве се подготвувам да заминам за Лондон каде по втор пат имам интервју со Роксанда Илинчиќ, која по светскиот успех ќе има своја ревија на Модната недела во Лондон.
Имате ли хоби, го сакате ли спортот, природата, ….што Ве прави среќна?
Го сакам пливањето, уживам кога читам стари весници и магазини, не трепнувам кога некој раскажува приказни … Највеќе од сакам да бидам со своето семејство.
(Благородна Абрашева-Ноциќ, „Теа модерна“, 16 March 2016)
Lakše ćete pratiti šta radim i emisije koje želite da pogledate ako preuzmete aplikaciju za Android i iPhone.
Makedoniji veliki pozdrav iz Vojvodine za lep intervju sa našom omiljenom novinarkom.